
„Духовите на Исмаел“ во кино
Духовите на Исмаел
приказна за психозата на љубовта
Филмот „Духовите на Исмаел“, со Метју Алмарик, Маријон Котијард, Шарлот Геинсбург и Луј Гарел, имаше чест да го отвори овогодинешниот фестивал во Кан. Продолжувајќи ја својата приказна, со брза нарација и позајмувајќи имиња и случувања од своите претходни филмови, режисерот Арноа Десплешин беше одбран да ја претстави домашната продукција на отворањето на јубилејното 70то издание на филмскиот фестивал во Кан.
Исмаел е режисер кој е на сред снимање на филм за францускиот дипломат Иван, инспириран од неговиот брат кој можеби е, можеби не е шпион. Борејќи се со уметничкиот блок, несоница и незавршеното сценарио, Исмаел добива повик од таткото на својата поранешна сопруга Карлота.
Карлота е исчезната веќе 20 години и прогласена за мртва и тој го почнува својот живот од почеток со својата нова сопруга Силвија. Но духовите од минатот се враќаат и го опседнуваат умот на Исмаел.
Сценариото за филмот го напиша Арноа Десплешин и Леа Мисус. „Духовите на Исмаел“ е емпатично изразување на уметничката визија на Десплешин, исполнето со хумор, мелодраматична музика и фокус кон деталите.
Домашната публика ќе може да го погледне филмот од 7ми декември во градско кино Милениум во Скопје, како и во 3Д кино Битола.